Во 2007-ма посакувам инспиративни моменти и на приватен план!
Иако вели дека во годината која изминува ништо особено не му се случи на емотивен план, заради многубројните ангажмани, Тоше Проески 2006-та ќе ја памети по многу други нешта. Имено, како никогаш порано, на пазарот се појавја три негови изданија – албумот Божилак со македонски традиционални песни, како и два дивиди-проекти – концертните записи од настапите во Сараево (издание на тамошната национална телевизија) и во Скопје (на Градски стадион), а тука е и уште еден куп концерти долж цела поранешна Југославија. Секако, една од најважните работи на нашата најголема музичка ѕвезда во 206-та година, за која допрва ќе се пишува и ќе се зборува, е интернационалната кариера, на која и претходат постојаните снимања во Лондон, каде Тоше го подготвува својот прв албум наменет за интернационален пазар...
И самото финале на 2006-та година е вистинската слика на се она што на Тоше Проески му се случуваше во изминативе 360 дена - снимања, настапи, патувања. Имено, тој годината ја започна со спектакуларен концерт за сите скопјани, кој се одржа на Градскиот плоштад, по што продолжи со силната агенда, во која која се состоеше ден од бисерите во целата негова кариера, е албумот Божилак, снимен токму во годината што изминува. Тука се и постојаните патувања на релација Скопје – Лондон, каде Тоше го снима својот прв албум наменет за светскиот пазар. Деновиве, пак, Тоше го фативме меѓу два исто така големи настани – скопскиот традиционално-хуманитарен концерт, одржан минатата недела, и новогодишниот настап во Риека (Хрватска), на покана од тамошните градски власти.
За да ги резимираме досегашните успеси, но и да го најавиме се она што најголемата македонска поп-ѕвезда ја чека во претстојниот период, решивме да ги поделиме работите, па за емоциите разговаравме со Тоше, а за техничките детали со неговата менаџерка Љиљана Петровиќ, која е особено горда што на денот на вљубените (14. февруари 2007), нејзиниот ексклузивец ќе настапи во престижната белградска Арена, како прв Македонец кој го освојува тој простор ...
Новата година е на прагот, но по што ќе ја паметиш 2006-тата?
Годинава ми се случија многу работи, а јас ќе се обидам да ги издвојам најубавите. Тоа се еден куп концерти, албумот Божилак, кој долго време го чекав да излезе. Всушност, за овој албум размислував одамна, но, ете, како година на излегување ќе остане забележана 2006-та. Ми беше големо задоволство да соработувам со луѓето кои ги изработија аранжманите на традиционалните песни, а тоа се Саша Николовски - Ѓумар, Илија Пејовски и Сони Петровски. Тука би морал да го издвојам и концертот на Градскиот стадион во Скопје, кој беше навистина совршен, како и турнејата по екс-Југославија, наречена Од Вардар до Триглав. Бидејќи годинава не успеавме да ги посетиме сите градови кои планиравме, турнејата продолжува и во 2007, кога ќе одржам концерти во Белград, Загреб...
Задоволен ли си од тоа како се развива твојата кариера надвор од Македонија?
Се разбира! Па, уште една од убавите работи кои ми се случија оваа година е склучувањето на договорот со Пипл ин Моушн, продуцентската куќа од Англија, која се грижи за мојата кариера надвор од балканските простори. Од моментот кога го склучивме договорот, па досега, работите се одвиваат неочекувано добро, над сите мои очекувања. Преку оваа соработка конечно видов како е да се работи со врвни професионалци. Ако, со Господ напред, во текот на претстојната 2007, се случи и мојата европска кариера, дефинитивно, голема работа е завршена во оваа, 2006-та година.
Колку работата во Англија стана сериозна? Кога те прашувам за ова, пред се мислам дали на албумот кој долго го подготвуваш со твоите соработници, му се гледа крајот? Информациите кои ни пристигнуваат од Англија се контролирано куси, не откриваат премногу детали...
Така е заради мојата желба. Всушност, не сакам премногу да се зборува за тоа додека не биде се подготвено. Мислам дека е подобро да причекаме албумот да го доживее своето издавање, што верувам дека ќе се случи наскоро. Заради сета професионалност која се вложува во проектот, верувам дека ќе имам одличен албум. Композициите се феноменални и сите се направени по мој ќеиф. Тоа, пред се, се должи на голем број извонредни автори, од композитори и текстописци до аранжери и продуценти. Во такви ситуации и крајниот продукт мора да биде нешто посебно...
Чувствуваш ли по малку замор од постојаните патувања и концерти? Луѓето кои знаат каква агенда имаш велат дека станува збор за мошне исцрпувачко темпо, кое не ти дозволува да се опуштиш...
Навистина е тешко се да се издржи, а уморот е особено силен сега, во самото финале на годината. Посебно исцрпувачка беше турнејата што ја имав по скандинавските земји, која неодамна заврши. Најтешко ми падна тоа што се случуваше да имам и три-четири концерти едно подруго, секој ден, што многу истоштува. Но, фала му на Бога, тоа сега е веќе завршена работа...
Што секогаш те тера да продолжиш понатаму? Што ти дава сила?
Музиката и љубовта кон музиката. Толку многу ја сакам музиката што не постои нешто што може да ме запре на патот, не кон успехот, туку кон мојата желба да пеам и да создавам. Тоа никој не може да ми го уништи, и никој не може да ми ја одземе таа љубов кон музиката. Таа е мојата најголема љубов и ништо не ме попречува така да биде и во иднина.
Од контактите со твоите соработници од продукциите Аворд и Фајнал кат, но и од твојата менаџерка Љиљана Петровиќ, сум информиран дека си најсреќен кога имаш време да останеш подолго во своето студио, во кое постојано компонираш.
Среќен сум заради таа привилегија, но во последно време тоа се мошне ретки моменти. А, се што е во мали количества, некако повеќе се сака. Со оглед на постојаните обврски во текот на два-три месеца, најмногу два-три пати можам да му се препуштам на студиото. Тоа е прекрасно чувство кога сум сам меѓу четири ѕида и создавам музика по мој терк.
Има ли веќе готови песни кои сам си ги компонирал, а кои ќе се најдат на албумот за светскиот пазар?
Секако дека има многу готови песни! Посебно сум среќен од последната композиција која неодамна ја снимавме во Шведска со Норт Јенсен. Звучи прекрасно и е огромен фаворит на албумот на англиски јазик. Всушност, песната ќе биде сингл кој ќе им биде претставен на светските дискографски куќи како најава за моето прво цеде за интернационалниот пазар. Песната носи наслов Hardest Things, или Најтешкото нешто, Најтешките работи..., и сум пресреќен што сум компонирал една таква тема. Секако, и во иднина ќе има уште добри песни, но тоа многу зависи и од моето слободно време и максимална посветеност на компонирањето. Сега, кога албумот на англиски јазик навлегува во сериозна фаза на креирањето, единствено што барам е максимална релаксираност во секој поглед. Само така ќе дадам најдобро од себе.
Љиљана Петровиќ ми откри дека легендарниот Џеф Бек ги отствири гитарите во песната која ја отпеа во дует со Џана Нанини!
- Мојот омилен гитарист од кога знам за себе го отсвири солото во песната која во дует ја отпеав со Џана Нанини. Тоа е вистинско чудо, во кое ни самиот не можев да верувам. Џеф Бек одлично звучи и феноменално се вклопи во целата композиција, која е една од оние раскошни оркестарски песни. Ја снимавме во лондонското Олимпик студио и се помина како што треба. Џана беше брилјантна во песната. Впрочем, јас многу си ја сакам и одамна ја следам нејзината кариера. Многу ми се допаѓа нејзиниот начин на пеење, иако никогаш не ни сонував дека еден дек ќе имаме заеднички дует. Освен тоа, многу го сакам италијанскиот јазик, а бидејќи оваа тема е на италијански, мислам дека успеав да ги доловам акцентите и да ја отпеам како што треба, па речиси и да не се забележува дека сум странец. Иако размислувавме дали треба да снимаме и англиска верзија на песната, на крај, сепак, решивме да остане автентично, како што е – на италијански јазик. Но, покрај нас, во песната беа вклучени и бројни извонредни музичари, кои мајсторски си ја завршија работава.
Тоа е горе-долу за албумот. Повеќе детали ќе откриеме кога се ќе биде готово.
Имаше ли и на приватен план убави моменти во 2006-та година?
Се случија неколку убави работи, но 2006-та не би можел во целост да ја окарактеризирам како година во која бев емотивно исполнет, се разбира, тргајќи ја музиката настрана... Оваа година не би можел да ја издвојам како многу успешна на приватен план, но да се надеваме дека 2007 ќе ми донесе многу убави моменти кои ќе ме поттикнат да напишам уште поубави композиции.
Кои се другите очекувања од 2007-мата?
Па, јас како скромен човек единствено сакам да бидам жив и здрав и да го издржам ова темпо, а најискрено, многу е напорно. Секако, во најбитните моменти ми е многу важна концентрацијата. Тоа значи дека треба да бидам максимално подготвен на снимањата, на интервјуата, на концертите... Тука не смеам да ја заборавам ниту мојата најверна публика, на која и ветувам дека и понатаму ќе ја усреќувам со нови песни и многу настапи и дружења. Исто како и до сега...
За крај, остануваат ли мама и тато и понатаму најважна подршка за Тоше Проески?
Апсолутно! Тие неоспорно ќе бидат тоа и понатаму...
***
Љиљана Петровиќ:
Тоше ќе биде светска ѕвезда!
Тимот кој со Тоше го подготвува неговото цеде за светскиот пазар вбројува професионални музичари од Лондон, Шведска, Ирска... Со тие луѓе ние, во годината што изминува, темелно ги избиравме песните, а пет од нив успеавме и да снимиме, главно, во престижното лондонско студио Олимпик. Во снимањето учествуваше дури англиската филхармонија, што на Тоше многу му значи, исто како што му значи и тоа што Џеф Бек свиреше гитара во дуетската песна со легендарната италијанска пејачка Џана Нанини. Вториот дел на снимањето во Шведска продолжува веќе по новогодишните празници, на 10, 11 и 12. јануари 2007. Ако се оди според планот албумот ќе биде готов најдоцна до крајот на март следната година, но веќе сега имаме сигнали од некои големи светски компании кои би сакале да го објават под своја налепница. Една од нив е и прочуениот Универзал... Но, нам не ни се брза, па со луѓето од Пипл ин Моушн решивме да го понудиме дури откако ќе имаме снимено осумдесеттина проценти од материјалот.
Иако цело време одиме чекор по чекор, би ве излажала ако кажам дека нашите очекувања не се огромни. Знаете, кога прв пат дојдов во Македонија во март 2002, и кога, откако го снимивме албумот Ако ме погледнеш во очи кажав дека Тоше ќе биде балканска ѕвезда, и дека толкава е мојата моќ, сега тврдам дека Тоше ќе стане светска ѕвезда! Но, тоа не значи дека Тоше ќе ја запостави кариерата во Македонија. Тој никогаш нема да се случи, затоа што Тоше никогаш нема да заборави од каде му се корените...